Посетете го спектакуларниот карневал во Рио де Жанеиро

Објавена: 17.01.2013

Секоја година, 46 дена пред Велигден, Бразилците го организираат можеби најголемото шоу и најспектакуларниот настан во светот. За време на овие 5 дена, Рио се трансформира во една голема веселба во која учествуваат и стари и млади, и богати и сиромашни. Шаренило од костими, ритам на самба и луда забава 24 часа во денот. Традицијата на одржување на овој карневал трае повеќе од 150 години. Со спектакуларниот карневал, всушност се прославува Велигденскиот пост на симболичен начин – со едно последно „збогум“ на задоволствата на телото за претстојните 40 дена, од денот на трезвеноста.

 

 

Парадата ја сочинуваат 12 претходно избрани училишта за самба, кои цела година макотрпно се спремаат за овој голем настан, а карневалот всушност претставува натпревар помеѓу нив. Нив ги оценува тим од четириесетина судии кои се камуфлирани помеѓу толпата, а истите даваат оцена за костимографијата, музиката, танцувањето и темата која тие ја одбрале. Победникот на карневалот, односно училиштето за самба кое победило, добива ексклузивна можност повторно да ја изведе својата точка.

 

 

Спектаклот се одржува по точно утврден распоред и сѐ се одвива под конец. Секое училиште е составено од неколку групи кои играат важна улога во точката која ја изведуваат, а централно се наоѓа движечката платформа, на која се наоѓа кралицата, која го држи знамето на училиштето.

 

 

Поворката од училиштата за самба започнува на „Самбадром“ - огромна улица околу која се поставени трибини за гледачите, кои собираат околу 90.000 луѓе, но по завршувањето на поворката, забавата продолжува, по улиците, плажите и дискотеките во градот. На улиците на секој ќош има музика во живо, сите танцуваат и се забавуваат до раните утрински часови.

 

 

За време на карневалските денови, Рио се трансформира во една голема колективна веселба во која се вклучени сите, од најбогатите до најсиромашните граѓани. Бразилците ги затвораат продавниците и канцелариите и сосема се препуштаат на забавата.

 

 

Овој карневал е дефинитивно една од авантурите која мора да се доживее барем еднаш во животот. Годинава ќе се случува од 8 до 12 февруари. Затоа навреме резервирајте место, во некоја од македонските туристички агенции и уживајте во магијата на овој прекрасен настан.

 

 

Резервирајте аранжман во агенција тука.