Домашни лекови за изгореници од сонце

04.05.2015

Кога станува збор за изгорениците од сонце, попаметно е да ги спречите отколку да ги лечите. Тоа значи мачкање на секој час со млеко со заштитен фактор минимум 15, сончање под чадор и избегнување на штетното сонце од 10 до 16 часот. Доколку штетата е веќе направена, веднаш помогнете ѝ на кожата да заздрави со следниве домашни рецепти за изгореници.

 

1. Облоги со млеко

Во еден сад помешајте две чаши вода и половина чаша млеко, а потоа додајте неколку коцки мраз. Натопете поголемо парче вата и нанесете го на изгорената кожа. Маснотијата од млекото ќе ја омекне кожата, мразот ќе помогне за разладување, а притоа ќе се намали болката и потребата за чешање.

 

2. Алое вера

Гелот од алое вера е богат со 9 витамини и многу минерали. Постојат безброј придобивки од ова растение, кое со векови се користи во медицината и козметиката. Алое верата има неверојатен ефект врз кожата: ја хидрира, разладува, ја обновува и го намалува воспалението. Купете гел од алое вера од аптека и мачкајте се по 2 пати на ден.

 

3. Кисело млеко, јогурт или павлака

Премачкувањето со ладно кисело млеко, јогурт или павлака е популарен метод кај нас Македонците, кога станува збор за изгореници од сонце. Земете парче вата и премачкајте се со кисело млеко или павлака и веднаш ќе се почувствувате подобро, чувствувајќи го ефектот на ладење и намалување на болката. Ако користите јогурт, во чашата капнете неколку капки масло од лаванда. Јогуртот моментално ќе ја излади кожата, а лавандата ќе го намали црвенилото и иритацијата.
 

4. Овесна каша

Во када полна со млака вода, ставете една чашка овесни снегулки, кои имаат антивоспалително дејство и убаво ја омекнуваат кожата. Не бришете се со пешкир за да не ја иритирате кожата дополнително.
 

5. Сода бикарбона

Додадете неколку лажици сода бикарбона во када полна со млака вода, за инстантно да ја смирите вашата воспалена кожа. Лежете во кадата не повеќе од 15-20 минути, бидејќи во спротивно, ризикувате да ја исушите и така веќе сувата кожа. Оставете ја вашата кожа да се исуши на природен начин.

 

6. Мокри пешкири

Убаво натопете еден пешкир во студена вода и нанесете го на изгорената кожа. На 5 минути повторно топете го пешкирот, за да биде студен и мокар. Повторувајте ја постапката повеќе пати и после еден час, ќе се чувствувате многу посвежо, а кожата ќе ви биде разладена.
 

7. Јаболков оцет

Нанесете јаболков оцет на вжештената кожа, кој навистина помага, бидејќи делува како антисептик.


 

 

8. Зелен чај или камилица

Сварете неколку кесички зелен чај или чај од камилица, почекајте да се оладат и нанесете ги директно на изгорената кожа или пак вата натопете во чајот и премачкајте се повеќе пати на изгорените делови.
 

Дополнителни совети:

 

  • Пијте вода

Ако сте ја испекле кожата, многу е битно да пиете што е можно повеќе вода, бидејќи таа е многу дехидрирана. Пиењето повеќе вода, ќе овозможи изгорениците побрзо да заздрават.

 

  • Ладна бања

Добар начин да се разладите кога кожата ви е изгорена, е да се искапете со постудена вода. Притоа никако немојте да користите сунѓер, луфа или пешкирче, а пожелно е да се измиете без сапун или барем да користите некој за понежна кожа. Откако ќе се искапете, само потупкајте ја кожата со пешкир (немојте да се стругате). Исто така, немојте да се капете долго, бидејќи тоа може додатно да ја исуши кожата и да предизвика потреба за чешање, па и лупење на кожата.

 

  •  Млеко за тело

После капењето, веднаш намачкајте подебел слој мрсно млеко за тело, за да ѝ помогнете на кожата побрзо да заздрави. За побрзо да ја оладите вжештената изгорена кожа и да ја намалите болката и чешањето, изладете го претходно млекото за тело во фрижидер.

 

  • Аспирин

Кога ќе забележите дека сте претерале со сончањето, веднаш напијте се аспирин или аналгин, кои ја намалуваат болката, а и воспалувањето на кожата.

 

  • Луѓето со темен тен не горат?

Луѓето со светла кожа почесто добиваат изгореници од сонце. Тоа е така затоа што луѓето со темен тен имаат повеќе меланин, којшто ја заштитува кожата од изгореници. Но, ова не значи дека луѓето со темна кожа не горат и не треба да се мачкаат со млеко со заштитен фактор. Секоја кожа може да изгори.

 

  • Дали да се мачкате со маслиново или кантарионово масло пред сончање?

Многу луѓе, сакајќи побрзо да потемнат, се мачкаат со маслиново масло или кантарион пред да се сончаат на плажа. Меѓутоа, стручњаците предупредуваат на бројните опасности кои можат да настанат од тоа. Маслиновото масло е одлично за нега, навлажнување и потхранување на кожата, како и регенерација после лупење. Но, тоа можете да го користите исклучиво навечер, а не кога кожата ви е изложена на сонце, бидејќи тоа не штити од ултравиолетови зраци и може да ви обезбеди дамки на кожата, изгореници, рак на кожа и трајни оштетувања. Доколку сте се намачкале со масло од кантарион, не смеете да се изложувате на сонце во наредните 24 часа, за да не добиете несакани нус-појави.